Женската А репрезентација на Македонија со новиот селектор го започнува циклусот на квалификации (лига фаза) за пласман на Европско првенство кое 2025 година ќе се одржи во Швајцарија.
Александар Андов денеска и официјално ќе го има првиот тренинг со репрезентацијата како нов селектор во склоп на подготовките за квалификацискиот циклус за пласман на Европско првенство 2025 година.
„Да се биде селектор, без разлика дали станува збор за млади репрезентации до 15, 17 ,19 години или А селекцијата, за мене претставува огромна чест и привилегија. Но, селекторско место со себе носи и голема одговорност и сериозен пристап првенствено кон работата и обврските околу репрезентацијата.
Иако имаме малку време за подготовки во пресрет на првиот натпревар од квалификациите, кој го играме на 5 април во Рига против репрезентацијата на Летонија, очекувам од сите максимално вложување и голем труд на сите тренинзи. Овие подготовки ќе ги искористиме на најдобар можен начин што подобро да се подготвиме и пред се да се воиграме на тактички план.
Ќе идеме чекор по чекор, натпревар по натпревар, ќе се трудиме да се подобруваме во секој сегмент од играта. Треба да бидеме максимално фокусирани и желни за подобрување, да веруваме во себе. Само така ќе можеме да оствариме позитивен успех како тим.
Нормално е и здраво е да се има одредени промени во репрезентацијата. Ќе имаме промени околу самиот ростер на играчите, но и во самата формација. Се надевам дека пред се на тактички план тие промени ќе бидат многу значајни и ќе донесат позитивни резултати и атмосфера во самата репрезентација.
Верувам дека само со многу труд и посветеност може да се променат работите на позитивно. Не треба од старт да имаме преголеми очекувања, преку ноќ не се менува ништо. Постепено треба да напредуваме и да се подобруваме. Не сакам да ветувам ништо, но верувам дека во иднина ќе можеме само да напредуваме и да растеме како тим“, вели Андов.
Женската А репрезентација на Македонија на 5. април во Рига ќе гостува на селекцијата на Летонија, со почеток во 17. часот. На 9. април на домашен терен ја пречекува селекцијата на Словенија.
Дуелот против Словенците ќе биде одигран на тренинг центарот „Петар Милошевски”, со почеток во 15. часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА