Македонската женска репрезентација под водство на селекторот Александар Андов ги реализира подготовките за двомечот за пласман на ЕП 2025 со селекцијата на Молдавија на домашен и гостински терен во рамките на Групата 2 од Лигата Ц.
Првиот меч од квалификациите против Молдавија го играме на 31. мај, петок, на тренинг центарот „Петар Милошевски”, Скопје со почеток во 17 часот, а вториот е закажан на 4. јуни, во Кишињев, со почеток во 19 часот.
Селекторот Александар Андов вели дека Македонија пристапува со амбиција за победа на двете пресметки против Молдавките.
„Не очекуваат два важни натпревари против Молдавија на домашен и гостински терен, се подготвуваме максимално, сакаме да го покажеме нашето најдобро светло. Очекувањата за овој натпревар се големи, целта да се издвојува победа на двата. Ќе одиме чекор по чекор, односно натпревар по натпревар, очекувам да одиграме одличен натпревар тука во Скопје и се надевам дека ќе ги израдуваме нашите фанови“ – вели Андов, и дополнува:
„Ослабени сме со неиграњето на Гентијана Рочи, која се здоби со повреда на последниот натпревар за својот клуб, но од друга страна ќе претставува одлична прилика за друга фудбалерка која ќе настапи на нејзино место да се покаже во добро светло и да се наметне во репрезентацијата. Овие два натпревари со Молдавија ќе бидат одличен тест за нас и за нашиот потенцијал. Верувам во моите фудбалерки и се надевам дека ќе оствариме две победи“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА