Португалскиот фудбалски стратег Андре Вилјаш Боаш си поднесе оставка во редовите на кинескиот клуб Шангај СИПГ, а веќе е подготвен за нов предизвик, и тоа сосема поинаков. Тој е подготвен да биде дел од релито Дакар 2018, кое ќе стартува на 6 јануари во Лима. Андре Вилјаш Боаш ќе се натпреварува во конкуренција на автомобили, а совозач ќе му биде Рубен Фарија со Тојота хилукс.
Малкумина знаат дека фудбалскиот тренер како тинејџер во Порто се бавел со автомобилизам, а одлично управува и со мотоцикл.
„Отсекогаш сум сакал да бидам дел од релито Дакар и зборував за тоа со мојот пријател Алекс Дорингер, менаџер на КТМ тимот. Тој ми рече дека ми е потребна подготовка од најмалку една година, доколку сакам да се натпреварувам со мотоцикл, и уште повеќе доколку возам во конкуренција на камиони. Затоа, ќе почнам со автомобилите, па ќе одам чекор по чекор. Ова е моја дамнешна страст, која сега повторно се разбуди во мене“, изјави Андре Вилјаш Боаш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА