Хрватската репрезентативка Андреа Пенезиќ останува во дрeсот на Вардар и во наредната сезона. Македонскиот шампион денеска го официјализира новиот едногодишен договорот со Пенезиќ, до крајот на наредната сезона.
Пенезиќ е најдобар стрелец во Вардар во Лигата на шампионите со 53 гола со кои моментно е на петтото место на голгетерската листа во ЛШ. Заедно со Андреа Лекиќ се ударната сила на „цревено-црните“ на бековската линија и остануваат на таа позиција и во идните планови на Вардар.
„Задоволна сум, и самиот факт дека три сезони сум тука укажува на тоа. Мислам дека и клубот е задоволен од моите настапи, и сметам дека во иднина заедно ќе постигнеме уште подобри резултати. Вардар е одличен клуб кој нуди многу добри услови за постигнување на добри резултати и немав дилема околу останувањето“ – изјави Андреа Пенезиќ за клупскиот сајт на Вардар.
Хрватската репрезентативка во Скопје дојде во 2014 година од Крим Меркатор за кој настапуваше од 2010 до 2014. Пред тоа беше дел од екипите на Подравка и на Локомотива Загреб.
Пенезиќ е петтата ракометарка од актуелниот состав на Вардар со која македонскиот шампион ја продолжува соработката и за наредната сезона. Пред Пенезиќ нови договори со „црвено-црните“ потпишаа Андреа Лекиќ, Андреа Кликовац, Татјана Хмирова и Барбара Лазовиќ. Ново име во составот на вардарки за следната сезона, засега официјално останува само пикерот на Будуќност, Драган Цвијиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА