Јуниорската репрезентација на Македонија триумфално го почна настапот на Европското првенство – Б дивизија кое вчера стартуваше во Скопје откако „црвено-жолтите“ по голема битка славеа над врсниците на Република Ирска со резултат 73-63.
Селекторот Горан Андреевски е задоволен од она што неговите избраници го прикажаа на премиерниот натпревар од првенството во Скопје.
„И покрај тоа што одигравме далеку под очекувањата, и покрај тоа што направивме 30. технички грешки, остваривме добар резултат. Сепак, мора да се земе в предвид дека ова беше прв натпревар, пред кој возбудата кај играчите беше голема, би рекол, огромна, како и што беше желбата за победа. Ја реализиравме првичната цел на овој прв меч на шампионатот. Извојувавме победа над Ирска, и тоа е најважниот момент. Секогаш е добро кога ќе се победи на почетокот на еден турнир во кој има голем број на натпревари за кратко време. Очекувам уште подобри игри од екипата во натпреварите кои следуваат“ – вели Андреевски.
Денеска нашите надежи ќе играат против БиХ, меч кој е закажан за вечерва од 18.30.часот во СРЦ „Кале“.
„Сметам дека станува збор за две приближно, слични репрезентации, и по карактер и според стилот на играње. Би рекол дека Босанците се во некоја минимална предност, затоа што вчера имаа полесен противник, се малку поодморени во однос на нас. Но без оглед на тоа, очекувам да се надминеме себеси, и дека ќе пружиме доста подобра игра, дека ќе одиграме како што знаеме да играме, и дека ќе се радуваме на уште една победа“, заврши Андреевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА