Андреевски: Нема да барам оправдувања за поразот од Литванците

Убедлив пораз за Македонија на стартот на натпреварите од Европското првенство од Дивизијата „А“ за кошаркари „Под 18“.

Во првото коло од групата „Ц“, Литванија беше многу подобар ривал од нашиот јуниорски тим, победувајќи со 137-62.

По мечот селекторот Горан Андреевски изјави дека нема да бара оправдувања за поразот.

„Очекувањата беа да прикажеме максимална борбеност во одбраната. Не можам да кажам дека играчите не пробаа да дадат максимум. Едноставно Литванците беа многу поквалитетен противник. Факт е дека сме во една од најтешките групи, во која, Србија и Литванија се претенденти за титулата на првенството. Многу потфрливме под кошевите и во рекетот. Литванците нè натскокаа, имаа 40 скока повеке од нас, од кои преку дваесет беа офанзивни. Поинаку кажано, 60 поени им беа од рекет. Следствено на нивната доминација под кошевите, каде моравме да удвојуваме, лесно правеја ‘висок играч’, а и лесно асистираа, имаа дури 40 асистенции. Како селектор нема да барам никакви оправдувања за лошата игра. Во целост ја прифаќам одговорноста за денешниот пораз. Меѓутоа, ова е почеток на првенството, и до крајот се надевам ќе ги анулираме сите недостатоци, и дека ќе ја оствариме примарната цел“, изјави Андреевски. 

Денеска нашите надежи ги чека меч против Грција од 13.30 часот.

Се вчитува...