Најталентираниот македонски кошаркар, Андреј Јакимовски, својата кариера ќе ја продолжи во НЦАА-лигата откако ги прифати условите да замине на Универзитетот Вашингтон Стејт. Крилниот кошаркар во последните години со голем успех настапуваше во Италија, каде во младинските лиги имаше и неколку извонредни партии со над 40 постигнати поени, јасна потврда за вонсериските квалитети на Македонецот.
Интерес да го доведат во својата кошаркарска екипа покажаа неколку универзитети, но на крајот Јакимовски го избра Вашингтон Стејт.
„Андреј е играч што го следиме повеќе од една година. Му понудивме можност да игра во шампионската конференција, да добие добро образование и диплома, тоа е нешто што не можеше да го одбие. Тој е многу квалитетен кошаркар кој може да настапува на четири различни позиции, беше доминантен на натпреварите против своите врсници, воедно и се наметна како лидер во македонската младинска репрезентација. Исто така, Јакимовски е и добар ученик, има позитивен карактер и сигурно добро ќе се вклопи во нашата програма“, изјави тренерот на Вашингтон Стејт, Кајл Смит.
Андреј Јакимовски се најде и на списокот на селекторот Александар Тодоров за сениорската репрезентација на почетокот од квалификациите за Евробаскет 2021. Сепак, неговата преселба во САД дополнително ќе го отежни процесот на подмладување на национационалниот тим, особено ако и Ненад Димитријевиќ замине во евролигашки клуб, со што и талентираниот плејмејкер не би бил на располагање за наредните квалификациски натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА