Андреј Магдевски се врати во МЗТ Скопје

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром за следната сезона ќе биде дополнително засилена на плејмејкерската позиција, откако во тимот од скопската населба се врати македонскиот репрезентативец, Андреј Магдевски.

За него ова ќе биде трета епизода во сино-белиот дрес, откако претходно за македонскиот шампион настапуваше во периодот помеѓу 2018 и 2021 година, а потоа и во 2022 година, кога по неколку месеци замина во Холандија. Магдевски со МЗТ има освоено две шампионски титули и тоа во 2019 и 2021 година, кога воедно беше избран за најкорисен играч на финалната серија.

Репрезентативниот плејмејкер е десеттиот кошаркар во составот со кој во следната сезона МЗТ ќе ја брани двојната круна на домашна сцена, но и ќе тргне во нов поход кон АБА-лигата. Покрај него во тимот засега се Дамјан и Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски, Марко Миловановиќ, како и интернационалците Брандон Слај (САД), Марко Баковиќ (Хрватска) и Милош Копривица (Србија).

Новата сезона за МЗТ Скопје официјално почнува на 24. септември со домашниот меч против Теодо Тиват во АБА2.

Се вчитува...