Раководителот на одделението за маркетинг и комуникации во Фудбалската федерација на Македонија, Филип Поповски беше вонредно одреден да биде делегат на првиот бараж меч за опстанок во А-дивизијата од Лига на Нации меѓу Украина и Белгија кој, поради војната во Украина, се одигра во шпанскиот град Мурсија.
Пред околу 10.000 гледачи победи Украина со 3-1. Во Мурсија се сретнаа старите пријатели Поповски и претседателот на Фудбалската федерација на Украина, фудбалската легенда на оваа држава Андреј Шевченко. Пријателството е уште од мечот меѓу Македонија и Украина, селекции до 19 години, кога на покана на Филип Поповски, кој тогаш ја вршеше функцијата генерален секретар на ФФМ, Шевченко престојуваше во Скопје бидејќи неговиот син, кој имаше 18 години дебитираше на тој натпревар за репрезентацијата на Украина.

Потоа средбите продолжија и последниве години во Милано каде Филип Поповски три години беше организациски директор на сите средби во Лигата на европските шампиони што ги играше Милан на стадинот Сан Сиро. Шевченко беше фудбалска икона на Милан, за кој има одиграно 203 средби на кои постигнал 127 гола, откако дојде од Динамо Киев. По завршувањето на кариерата во дресот на Челси, речиси на секој меч потоа, тој беше почесен гостин на трибините на Сан Сиро кога играше овој клуб, бидејќи „миланезите“ не го заборавија својот голгетер.
„Имав можност за време на дводневниот престој во Мурсија да разговараме за фудбалските настани во Европа со Швченко, бевме сместени во истиот хотел, за големите проблеми за репрезентацијата на Украина која поради војната со Русија и неможноста да игра на свој терен како домаќин мора постојано да гостува и да ги игра натпреварите во разните градови во Европа. По мечот со Белгија и победата на Украина, Андреј Шевченко им посака и на фудбалерите на Македонија успех против Велс во Скопје“ – ни ја прокоментира меѓусебната средба Филип Поповски, по враќањето од Шпанија.
За жал во реваншот Белгија на свој терен ја победи Украина со 3-0 и остана во А-дивзијата, а Украина се сели во Б-дивизијата каде во следната сезона од Лигата на нациите би можела да биде во група и со Македонија.
На стадионот во Мурсија, пак, два дена по овој меч, играа Исланд и Косово затоа што теренот на стадионот во Рејкјавик се реновира. Победи Косово со 3-1 и обезбеди настап во Б-дивизијата во Лига на Нации.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА