Андреј Шошкиќ со шанса да влезе во друштво на Бирд, Милер, Кари…

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Шошкиќ продолжува со фантастична сезона во дресот на Универзитетот Стони Брук. Синоќа, „Сивулфс“ славеа дома против Хемптон со 79-72, а Шошкиќ повторно беше клучен фактор со 14 поени, 3 скока и 3 украдени топки за 35 минути на теренот.

Со само три натпревари до крајот на регуларниот дел, македонскиот плејмејкер бележи импресивни проценти: 51,4% од игра, 46,8% за три поени и фантастични 95% од слободни фрлања. Оваа сезона просечно дава околу 9,8 поени, 2,7 скока и 2,5 асистенции по натпревар, а Стони Брук се бори за високо место во конференцијата CAA.

Само 11 кошаркари во историјата на НЦАА успеале да ја завршат сезоната со вакви бројки. Последен кој го направил тоа е актуелниот НБА-играч Треј Марфи (сезона 2020/21), а единствениот дебитант (како Шошкиќ) со ваков учинок е Ајзеа Вилијамс пред 12 години. Уште поимпресивно е тоа што само 10 кошаркари во историјата на НБА имаат завршено сезона со ваква статистика, а во тоа друштво се имиња како Лери Бирд, Реџи Милер и Стеф Кари.

Се вчитува...