Претседателот на најтрофејниот италијански клуб Јувентус, Андреа Ањели распука повторно по двете водечки фудбалски организации ФИФА и УЕФА, најавувајќи дека нема намера да се откаже од идејата за спорната Суперлигата, обвинувајќи ги фудбалските организации дека се само политичка класа, која се повеќе личи на мафија која ја само интересира да заработува.
Јувентус е еден од трите великани заедно со Реал Мадрид и Барселона, кои останаа на идејата за Суперлига, па една победа извојуваа со судската забрана дека УЕФА може да ги казни, па сега по кој пат ќе се движи проектот е во рацете на Европскиот суд на правдата во Луксембург, кој треба да одлучи дали ФИФА и УЕФА имаат монопол врз фудбалот и со тоа ги кршат законите на ЕУ.
„Јас повеќе од десет години работам да се смени системот кој нема да ги штити инвеститорите и кој уште во 1991 година ги напушти вредностите на спортските заслуги. Од тогаш е одлучено дека четвртиот тим во Серија А има повеќе права од првакот во некоја друга земја. Оваа година ниту Јуве, ниту Реал, ниту Барселона не беа шампиони, а играат во Лигата на шампиони. А, од друга страна имате многу клубови кои станале шампиони во својте првенства, а не учествуваат во ЛШ и тоа сепак е посочено како најдобро натпреварување на светот“, изјави Ањели.
Првиот човек на „старата дама“ потенцира дека од лошата состојба во фудбалот моментно трпат само клубовите.
„Желбата за да се изроди Суперлигата е всушност потенцирање на тоа дека актуелниот фудбалски систем е застарен. Ама промените ги одбива мафијата – политичката класа, т.е. УЕФА и ФИФА, кои не учествуваат во натпреварувањата, ама затоа сакаат да одлучуваат, да раководат и да заработуваат. Јас нема да се откажам, а на системот му треба промена и Јувентус сака да биде дел од таа промена. Но, само со конструктивен дијалог може да се постигне тоа, а сите да бидат задоволни“, заклучи Ањели.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА