Ангел Кечовски, од трофеј на државно првенство во САД до дресот на Македонија

Се поголем е бројот на млади кошаркари кои тргнуваат во потрага по американскиот сон во обид да станат успешни во овој спорт. Младиот 19-годишен Ангел Кечовски ги направи првите крајно успешни чекори на овој пат, откако со тимот на своето средно училиште „Сент Мери“  се закити со шампионската титула на државното првенство во Мичиген.

Станува збор за престижно натпреварување во кое Кечовски и неговите соиграчи забележаа неколку тешки победи во низа за да се закитат со големиот трофеј.

„Честа е огромна, радоста по едно такво достигнување беше неверојатна. Пријателите ми велат дека сум првиот Македонец што стигнал до една ваква титула на државните првенства за средни училишта во САД, што ме прави дополнително горд. Не е лесно кога си толку далеку од дома, но тоа ме прави само уште погладен за работа, за тренинзи, за напредок. Овие две години ми помогнаа многу да се развијам како кошаркар, но и како личност“, го почнува Кечовски разговорот за ЕКИПА.

Оваа момче кариерата ја почна во македонската кошарка, каде го носеше дресот на неколку екипи.

„Со МЗТ Скопје стигнав до титулата во М12 шампионатот. Потоа настапував и за ФМП и за Ангели, а со екипата на Ангели бев дел и од Првата лига, пред две сезони, пред да заминам во САД. Тогаш имав само 16 години и тоа искуство ми беше драгоцено за предизвиците со кои се соочив во изминатиот период“, вели Кечовски.

Станува збор за момче високо 196 сантиметри кое најдобро се снаоѓа на плејмејкерската позиција.

„Во САД тренерот најчесто ме користеше на „двојка“ (бек шутер), бидејќи системот е таков што ако имаш голем талент на одредена позиција (во случајов плејмејкерската во нашата екипа), тој ја има најголемата минутажа и слобода в играта. Добро се снаоѓам и на таа позиција бидејќи работам напорно на шутото после секој тренинг, но мислам дека најмногу можам да дадам како плејмејкер, да создадам предност, да го разиграм целиот тим, но и самиот да погодам“.

Кечовски матурираше во „Сент Мери“, но веќе ја избра следната дестинација во кариерата, повторно во САД.

„Имав неколку понуди на маса, на крајот решив да останам во државата Мичиген. Сакам да се развивам постепено и систематски, преку играње и затоа решив да прифатам понуда на универзитет во кој би имал поголема минутажа. Ќе се натпреварувам во „Џуниор колеџ лигата“, едно квалитетно натпреварување за млади играчи на почетокот од универзитетската кариера. Оваа лига сериозно се следи во САД од врвните универзитети, па така лани се случи еден тим кој беше дел од лигата во текот на летото да испрати седум кошаркари во „Дивизија 1“, во најдобрите универзитети во САД. Знам дека пред мене е многу работа, сакам летово напорно да тренирам, да напредувам во секој поглед и да бидам уште поподготвен за новите предизвици“, истакнува Ангел Кечовски.

Во меѓувреме, се очекува летово овој млад кошаркар да биде и дел од нашата М20 репрезентација на претстојниот европски шампионат.

„Искрено, тоа би претставувало остварување на голем сон, да го облечам дресот на Македонија и да настапувам за мојата земја на еден европски шампионат. Веќе бев контактиран од селекторот Смилковски, имавме позитивен разговор. Ќе работам напорно со репрезентацијата и максимално ќе ја искористам оваа шанса, ќе го исполнам она што стручниот штаб ќе го побара од мене и се надевам дека ќе дадам значаен придонес за што подобри резултати во текот на летово“, мотивиран е за наредните предизвици 19-годишниот Ангел Кечовски.

Се вчитува...