Кошаркарскиот клуб Ангели повторно обезбеди промоција во прволигашка конкуренција, со што тимот од скопската населба Кисела Вода вторпат во последните четири години ќе има можност да се натпреварува во елитното македонско кошаркарско друштво.
Првиот човек на клубот, Благоја Кечовски, не го крие задоволството од овој успех, со верба дека Ангели во новата сезона ќе успеат и да стигнат до опстанок во елитата.
„Како клуб што од самото основање се натпреварува во сениорските или во младинските лиги, горди сме што во јубилејната 20. година од постоењето на КК Ангели повторно ќе сме дел од елитата. Во овие 20 години низ клубот минале над 2.500 кошаркари во сите возрасни категории, лично сум горд што како клуб се имаме докажано како некој што дава шанса за промоција на млади македонски играчи. Пред три сезони за првпат обезбедивме учество во првата лига и стигнавме до 10 прволигашки победи, само две победи ни недостигаа за да обезбедиме опстанок. Во последните три години редовно бевме во Топ 3 по квалитет екипи во Втората лига, а вложениот труд даде резултат, па сезонава заслужено влеговме во елитата. Предизвикот е голем за нас, се надеваме на уште подобри резултати во однос на нашето деби во елитата и успешна борба за опстанок“, изјавува Кечовски за ЕКИПА.
Она што е сигурно, Игор Гацов ќе остане на чело на КК Ангели, а во тек се преговорите за задржување на огромен дел од кошаркарите кои обезбедија промоција во Првата лига.

„Гацов ќе биде наш тренер и во новата сезона, со него имаме успешна соработка во изминатите три години и верувам дека ќе направиме уште една добра спортска приказна. Акцент ќе биде ставен на задржување на костурот на екипата што обезбеди влез во елитата, заеддно со уште неколку млади и талентирани македонски играчи да бидеме конкурентни ривали на секој прволигашки натпревар во лигата. Капитенот Бојан Стојановски, Иван Балов, Ангел Кечовски, тоа се деца од нашата општина, потоа Таулант Ибраими, Јован Чурлинов со сигурност ја продолжуваат соработката, а при крај се преговорите со сите минатогодишни играчи“, вели Кечовски.
Тој ја потенцира успешната соработка со општина Кисела Вода и со градоначалникот Орце Георгиевски како еден од предусловите за уште подобро функционирање на клубот во иднина.
„Имаме одлична соработка и разбирање со градоначалникот Георгиевски. Интенизно разговараме за обезбедување на стабилен буџет што е неопходен за да се претставиме во најдобро светло во Првата лига, КК Ангели како клуб што е репрезент на општина Кисела Вода. Направени се состаноци со повеќе компании од нашата општина кои покажаа сериозен интерес за да помогнат во овој проект, општината го финишира реновирањето на спортската сала Расадник и сите ние во Кисела Вода со нетрпение очекуваме полни трибини во овој спортски храм“, истакнува првиот човек на КК Ангели.

„Со сигурност можам да кажам дека КК Ангели и во следната сезона ќе игра квалитетна прволигашка кошарка, клуб каде што шанса и клучна улога ќе добијат македонски играчи кои еден ден ќе стигнат и до сениорската репрезентација на нашата земја“, порачува за крај Благоја Кечовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

