Ракометарите на Пролет ја забележаа и втората победа од стартот на плејофот, триумфирајќи на гостувањето против Еурофарм Пелистер 2 со резултат 21-23. Во главна улога беше голманот Петар Ангелов, кој со две клучни одбрани во последните две минути ја осигура победата на скопскиот клуб против талентираните битолчани, кои уште еднаш потврдија дека ќе бидат тврд орев за сите учесници во плејофот.
Двете екипи најизменично се менуваа во водство во почетните десетина минути, во кои Пелистер 2 често се решаваше и за „седум на шест“ во нападот. Пролет сепак успеа да ја подобри одбраната, во серија интервенции влезе и Петар Ангелов, кој постигна и еден гол од сопствената половина, па гостите од Скопје замина на одмор со водство од 10-13. Битолчани помотивирани влегоа во вториот дел, а од ритам не ги исфрли ниту црвениот картон што го заработи Петровиќ во 35. минута од натпреварот.
Зачестија исклучувањата на двете страни, а во таквата ситуација подобро се снајдоа „пелистерци“, кои успеаја да стигнат до израмнување. Проблемите на Јовиќ се зголемија откако третото исклучување го заработи и Дрогришки, па домаќините останаа без уште еден член на стандардната бековска линија. Ивановски му одбрани пенал, веднаш потоа и зицер на Палевски при резултат 19-20, но по голот на Аларов за 19-21 домашниот тренер Јовиќ побара тајмаут на пет минути до крајот.
Еурофарм Пелистер 2 стигна до 20-21 и имаше напад за израмнување, но Ангелов добро одбрани, по што Димов беше прецизен од крило, за водство од 20-22 на гостинскиот состав на две минути до крајот. Повторно во клучните моменти блесна Ангелов, кој одбрани и пенал во следниот напад, осигурувајќи го триумфот на Пролет изразен со конечни 21-23.
Давор Палевски со осум гола беше прв стрелец на Пролет, четири постигна Пејовиќ, додека во редовите на Пелистер 2 најефикасни беа Павле Атанасијевиќ со шест и Талевски со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА