Голманот на Пролет, Петар Ангелов, верува дека неговиот тим можe да стигне до триумф на денешното скопско дерби со Металург (17 часот, сала Автокоманда). Нема сомнеж дека „металурзите“ ќе бидат максимално мотивирани за да се одмаздат за поразот во првото коло, но Ангелов верува дека неговиот тим би можел да го изненади составот предводен од Иван Марковски.
„Одигравме одличен меч во првото коло и заслужено победивме, се надевам дека тоа ќе го повториме. Металург е фаворит, но ние немаме намера да се предадеме, ќе дадеме се од себе бидејќи знаеме колку е важен овој натпревар за нас. На стартот на сезонава зацртавме дека сакаме да обезбедиме излез во Европа, се движиме на тој пат и се надевам дека до крајот на сезонава ќе го оствариме она што сите го посакуваме“, изјавува Петар Ангелов во пресрет на денешниот дуел.
Искусниот голман со респект гледа на денешниот ривал, кој игра во се подобра форма по оној пораз во првото коло.
„Нема сомнеж дека Металург има квалитетен состав, кој од меч во меч игра се подобро под водство на новиот тренер. Добро се покриени на сите позиции, бековите им се добри шутери, така што сигурно опасноста ќе доаѓа од повеќе страни, не може да се издвои една клучна работа што ќе треба да ја неутрализираме за да победиме. Сепак, добро се подготвувавме за овој меч, верувам дека ќе одиграме квалитетен натпревар и ќе дојдеме до посакуваниот резултат“, оптимист е Ангелов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА