Ангелов со мајсторски погодок го реши дербито против Вардар (ВИДЕО)

Работнички го совлада Вардар со 0-1 во дербито на 30.коло во Првата фудбалска лига. Стрелец на победничкиот гол беше Виктор Ангелов, кој изведе вистинска мајсторија во 56.минута, стрелајќи откосо од десната страна во спротивниот агол од голот на Алексовски.

„Црвено-црните“ продолжуваат со очајните резултати и под раководство на Бобан Бабунски, а Работнички стигна до заслужен триумф во ова соседско дерби, кој го зацврстува на четвртата позиција на табелата со 41 бод.

Кире Маркоски во 21.минута имаше одлична шанса за водство, но од десетина метри шутираше ниско по земја, а Алексовски успеа рефлексно да спаси со нога. По ова, Блажевски и Барсегјан се заканија на спротивната страна, но голманот на „романтичарите“, Даниел Божиновски беше на вистинското место.

На стартот од вториот дел, Работнички поведе по одличниот потег на Ангелов. Во 56.минута, тој со дриблинг го исфрли од игра Битанг, а потоа со левата нога умешно погоди во спротивниот агол. Алексовски беше немоќен. Истиот фудбалер претходно имаше можност и по нафрлувањето на Петковски опд десната страна, но тогаш Алексовски го спаси сцојот гол.

Вардар продолжува со очајни игри и со распродажба на бодови, откако ги загуби трофеите и во двете домашни натпреварувања оваа сезона.

Се вчитува...