Е. Пелистер има катастрофална серија од 13 порази во низа од почетокот на сезоната во Лигата на Шампионите, во толку посакуваниот камбек на битолчани во елитното европско натшреварување.
Тренерот Бранислав Ангеловски застана во одбрана на својот клуб, изјавувајќи дека резултатите не се преголемо разочарување ако се има во предвид буџетот на македонскиот првак, кој е најмал во Лигата на Шампионите. Воедно, Ангеловски го „пецна“ вечниот ривал Вардар порачувајќи дека двата клуба не треба да се споредуваат бидејќи зад „црвено-црните“ стоела државата.
„Самото играње во ЛШ донесе многу за Битола. Со години наназад се зборуваше како и да бидеме шампиони, нема како да играме во нашиот град во елитното натпреварување. Докажавме дека тоа не е вистина, организациски извлековме повеќе од максимум од оваа сала и навистина ми е жал што во ова последно коло влегуваме без ниту еден освоен бод. Сепак, мора да сфатиме дека Еурофарм Пелистер е локален клуб, не е државен проект како Вардар. Би сакал тоа да се случи и со нас, па и со кој било друг клуб од Македонија. Ние го имаме најмалиот буџет во Лигата на шампионите. Во Европската лига има екипи кои имаат далеку поголеми буџети од нашиот и не ја поминаа групата“, прокоментира Бранислав Ангеловски на прес-конференцијата пред гостувањето во Колстад.
Поранешниот репрезентативец е оптимист дека резултатите на битолчани во наредните години на европско ниво ќе бидат далеку подобри.
„Секој почеток е тежок. Истото беше случај и со Металург, кој во првата сезона губеше по 15 разлика од екипи како Загреб, Чеховски Медведи и други, а потоа размислуваше за „фајнал-фор“. Слична беше ситуацијата и со Вардар“, порача Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА