Фудбалската репрезентација на Македонија се наоѓа пред последниот чекор од групниот сегмент во Лигата на нации. Првото место е на дофат, треба да се победи и Гибралтар на домашен терен за да се потврди позицијата на врвот, но и за да се обезбеди полуфинален дуел од плејофот на домашен терен. Секако, селекторот Игор Ангеловски и фудбалерите ја прифаќаат улогата на фаворити во пресрет на утрешниот дуел на арената „Филип Втори“ во Скопје.
„И претходно кажав, и истата девиза важи и понатаму. Не е важно против кого играме, туку за што играме. А ние играме за потврда на првото место и за домашно полуфинале во плејофот во Лигата на нации. Фаворити сме против Гибралтар, и триумфот е наша обврска. Не размислувам ниту кои фудбалери нема да играат, туку оние што ќе играат да ја завршат задачата. Знаеме како игра Гибралтар, тие пред се размислуваат за одбрана на својот гол, а би сакал да ги „отвориме“ што е можно порано“, изјави селекторот Игор Ангеловски.
Нападот ќе треба да ја одработи задачата на утрешниот меч. Иван Тричковски стрелаше на гости во Гибралтар, очекува дека ќе ја завршиме работата успешно и тука, иако тоа нема да биде лесно.
„Гибралтар игра дефанзивно, но мислам дека се зависи од нас. Доколку бидеме максимално посветени, квалитетот е на наша страна. Нема да биде лесно, но ние ја знаеме нашата цел, имаме историска шанса да разигруваме за пласман на Европско првенство. Се надевам дека ќе имаме поддршка од фановите“, изјави Иван Тричковски кој на утрешниот натпревар ќе ја преземе капитенската лента поради отсуството на Горан Пандев.
Од националниот тим и информацијата дека Аријан Адеми се чувствува многу подобро и дека ќе конкурира за настап на утрешниот натпревар против Гибралтар. Мечот започнува од 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

