По неколкудневниот собир македонската репрезентација веќе финишира со техничко-тактичката подготовка за утрешниот пријателски натпревар со Турција кој од 19:45 часот не очекува на националната арена во Скопје.
Иако не можеше да смета на сите расположиви сили во текот на подготовките, селекторот Игор Ангеловски верува дека репрезентативците се подготвени за максимална борба и квалитетен натпревар против селекцијата на Турција. Поради клупските ангажмани, дури денеска на тимот се приклучија Стефан Ристовски и Езгијан Алиоски, а дополнително се очекува пристигнувањето на Давид Митов Нилсон кој ќе биде на подготовките за дуелот со Шпанија.
„Одработивме навистина квалитетни подготвителни денови и покрај тоа што не бевме комплетни. Верувам дека играчите се добро подготвени за уште една квалитетно издание. По претходните две победи, желбата е да се продолжи во ист ритам и да се стигне до позитивен резултат, и покрај тоа што против себе сега имаме репрезентација како што е Турција“ – истакна на денешната прес-конференција, Ангеловски.
Сосема еднакво е размислувањето и на офанзивецот Илија Несторовски, кој верува дека со поддршка од трибините може да дојдеме и до победа.
„Не е тајна дека секогаш ни е потребна поддршката од трибините. Навивачите мора да бидат нашиот 12-ти играч. Во овој квалификациски циклус имавме навистина квалитетни натпревари, но немавме среќа да освоиме повеќе бодови против Израел, Албанија и Италија. Сега сите во репрезентацијата сама да дојдеме до позитивен резултат против Турција, и затоа ги повикувам сите навивачи да дојдат на нашиот најголем стадион и да ни дадат поддршка. Секој меч е за нас важен, без разлика дали се работи за пријателски или квалификациски. Победа со Турција може да ни донесе дополнителен мотив за дуелот со Шпанија на 11. јуни“ – рече Несторовски.
Билетите за дуелот со Турција се пуштени во продажба по цена од 100, 200 и 400 денари преку продажната мрежа на mktickets, официјалниот штанд на ФФМ во Skopje City Mall, а од денеска и на билетарницата на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА