Ангеловски: Имаме маки со повреди и суспензии, но верувам дека ќе бидеме на ниво

Фудбалската репрезентација на Македонија е повторно на собир, овојпат како заокружување на квалификацискиот циклус за ЕВРО 2020. Селекторот Игор Ангеловски се соочи со неколку принудни изостаноци, но верува дека националниот тим ќе биде на потребното ниво и за последните два меча, против Австрија во Виена на 16 ноември и против Израел во Скопје три дена подоцна.

„Имаме проблеми со повреди и со суспензии за мечот со Австрија. Алиоски отпадна, Тричковски правеше магнетна резонанца и многу мали се шансите да се приклучи, па затоа го повикав Костадинов. Дарко Велковски и Стефан Ристовски сигурно доаѓаат, иако и тие се после повреди. Имаме тројца суспендирани, но без оглед на се верувам дека ќе бидеме на ниво и нема да се жалам. Мотиви за настап во националниот дрес секогаш се максимални. Австрија е фаворит, но ние сакаме да ги заокружиме квалификациите со добри игри, а воедно и да се подготвиме за она што не очекува во март, дуелот со Косово во Лигата на нации“ – изјави селекторот Игор Ангеловски на денешниот прв собир на националниот тим.

Дефанзивецот Висар Муслиу поради суспензија нема да биде во комбинација за мечот со Австрија, но верува дека Македонија може да одигра на високо ниво на последните два меча.

„Нема да настапам против Австрија, но ги охрабрувам соиграчите и верувам дека ќе одиграат на највисоко ниво во Виена, а и потоа против Израел дома“, изјави Висар Муслиу.

Се вчитува...