Фудбалската репрезентација на Македонија убедливо го совлада Гибралтар (4-0) и го обезбеди првото место во групата 4 од Лигата Д, кое води во плејоф за пласман на Европското првенство во 2020 година. Селекторот Игор Ангеловски е задоволен, а честитките им ги препушта на фудбалерите.
„Кога ќе ја исполните целта, секако дека мисијата можеме да ја прогласиме за успешна. Сега имаме кон реализацијата на конечната цел – да одиме на Европско првенство. Ќе играме на домашен терен во полуфиналето, би посакал на сите да ни се оствари таа желба, Македонија да игра на ЕП. Честитките секако одат на адреса на фудбалерите кои на овој меч, а и во текот на целиот циклус од Лигата на нации одиграа на потребното ниво. Морам да му се заблагодарам јавно на капитенот Горан Пандев за сето она што го прави, и би сакал да заздрават сите, и Дарко Велкоски, и Стефан Спировски, и Марјан Радески, и да бидеме комплетни за полуфиналниот предизвик. Сега ќе се фокусираме на ждребот и на квалификациите за ЕП. Тоа е втората можност за да ја оствариме целта и секако гледаме и на неа максимално сериозно“, изјави Игор Ангеловски.
Селекторот на Гибралтар, Хулио Рибас, коректно призна дека Македонија е многу подобра репрезентација и дека заслужено ќе игра во Лигата Ц.
„Македонија е многу поквалитетна селекција. Ние имаме млад тим, составен пред се од аматери, но драго ми е дека напредуваме од натпревар во натпревар. Загубивме со 4-0, Македонија доминираше и има состав кој реално треба да се натпреварува со многу посилни селекции“, изјави Хулио Рибас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА


