ЕКИПА во Гдиња,
Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски
Има ли поубаво чувство за селекторот на А-тимот да ги следи своите млади момци, кои во наредната деценија треба да го носат дресот на сениорската репрезентација на Македонија, на Европско првенство. Веројатно само тој да ги предводи на ЕП за сениори, а оваа генерација предводена од Благоја Милевски ветува дека можеме да се надеваме и на таков успех во македонскиот фудбал.
Игор Ангеловски е во Полска, како дел од експедицијата на ФФМ, ги следи игрите на младите фудбалери, и е апсолутно задоволен од досегашните две изданија на Македонија.
„Прекрасно е чувството кога Македонија е дел од елитата. Ова ни го овозможија овие млади момци, кои имаат несомнен талент и квалитет, и покажаа дека се максимално конкурентни и на ова Европско првенство. Без разлика на убедливиот пораз од Шпанија, покажаа храбра и напаѓачка игра, и заслужија да постигнат најмалку еден или два гола и против „црвената фурија“. Против Србија се вратија од една, да речам, загубена позиција по првото полувреме, одиграа одличен втор гол, и несреќно ја испуштија победата на самиот крај од мечот. Но, Македонија е максимално конкурентна, и ако најголем дел од српските репрезентативци играат во клубови ширум Европа, Ливерпул, Ајнтрахт Франкфурт, Бенфика, Валенсија…тогаш и македонските фудбалери покажаа дека се зрели за еден таков чекор, за трансфери во европски клубови. Јас искрено посакувам тоа и да се случи по ова Европско првенство“, анализира за ЕКИПА, селекторот на А-репрезентацијата, Игор Ангеловски.
Поголем дел од оваа генерација е веќе на списокот на селекторот Ангеловски за А-тимот. Тој тоа го најави уште и при своето доаѓање на кормилото.
„Квалитетот е несомнен, а оваа генерација, што ми е посебно драго, покажа дека има и еден цврст карактер. Негува напаѓачки фудбал, не се плаши да игра и против најсилните, и тоа е она по што треба да биде препознатлива Македонија. Јас тоа се обидувам да го вградам и во А-тимот, и секако дека на голем дел од овие млади фудбалери сметам многу сериозно. Го најавив тоа уште на првата прес – конференција, по моето именување за селектор“, истакнува Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА