Ракометниот шампион на Македонија, Е. Пелистер утре ќе го пречека Пари Сен Жермен во првиот натпревар за 2024 година во Лигата на шампионите.
По големата победа во дербито со Вардар, битолчани со голема самодоверба влегуваат во мечот против големиот фаворитот. Но, тренерот Бранче Ангеловски нагласува дека и тоа како има мотив за надигрување со ПСЖ кај секој поединец во клубот.
„Утре треба да биде празник на ракометот во нашиот град. Доаѓа една од најдобрите екипи во Европа, со најдобрите ракометари и не можевме да посакаме подобар тајминг, по успехот на Франција на Европското првенство. Мило ми е што доаѓа еден Никола Карабатиќ во последната играчка сезона“ – вели стратегот на „пелистерци“, Ангеловски, притоа дополнувајќи:
„Секоја нова сезона во Лигата на шампионите е поинтересна и појака, а ПСЖ секогаш е еден од фаворитите за освојување на трофејот. Имаат одлична екипа, со брза транзиција, брза полуконтра и организиран брз центар. Имаат играчи од светска класа на сите позиции и ќе ми биде задоволство да се натпреваруваме со такви величини на играчи и тренери“.
Ангеловски нагласува дека победата над Вардар во дербито на Македонија е еден вид патоказ како треба да се игра и против ПСЖ.
„Имаме тежок распоред, во три дена играме два важни натпревари. Против Вардар употребувавме некои работи кои ќе ги користиме и против ПСЖ, моравме да ја спремиме тактика за двата натпревари. ПСЖ ни доаѓа во вистински момент по победата над Вардар. Со помош на исполнетата сала и навивачите, ќе имаме ‘ветер во грб’, и верувам дека ќе ги повториме игрите од последните два-три натпревари во Лигата на шампионите“ – истакнува Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА