Aнгеловски: На дело ја видовме моќта на ПСЖ

Ракометарите на Е. Пелистер го забележаа и единаесеттиот пораз во низа во Лигата на Шампионите откако македонскиот првак вечерва на домашен терен загуби од ПСЖ со резултат 25-31. „Пелистерци“ имаа желба, но разликата во квалитет беше огромна, придонесувајќи гостите од Франција од самиот почеток да го контролираат резултатот и во ниту еден момент да не дозволат триумфот да биде доведен во прашање.

Тренерот на битолчани Бранко Ангеловски по мечот изјави дека можеле на дело да ја видат моќта на францускиот шампион кој е еден од фаворитите за освојување на Лигата на шампионите.

„Задоволство е да се биде тренер на овој клуб, да се води оваа група на играчи и да ја чувствувате енергијата на нашите навивачи. Искрено, на крајот се уверивме во силината на секој поединец на ПСЖ. Би сакал кога веќе е пораз, да биде подостоен. На крајот мислам дека можеби можевме и пониско да загубиме, доста промашивме. Не знам дали е до нашата концентрација или квалитетот на противничките голмани. Во првиот дел Јаник Грин имаше десет одбрани. Со таков голман, а во второто полувреме влезе и Паличка со пет-шест, екипа која има такви поединци е тешко да се победи. Одигравме натпревар во кој сум горд на моите ракометари. Бевме подобри од дуелот со Вардар, ама разликата во квалитетот беше видлива. Посакувам само добро здравје и мислам ќе се радуваме на нови победи. Секогаш имаме ротација, секој од играчите треба да придонесе со енергија. Мило ми е што клупата е добра, сите играчи на неа со мозокот се на теренот. Јас давам шанса на секој, а до играчите е кој колку ќе биде на терен“, изјави Ангеловски.

Се вчитува...