Селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски, по објавувањето на списокот на фудбалери за престојните квалификациски дуели со Израел и со Албанија, вели дека е среќен што добар дел од повиканите фудбалери играат во добра форма ова лето и на официјалните и на пријателските натпревари за своите тимови.
Ангеловски се одлучи, како што и претходно најави, да донесе комплетно освежување на репрезентацијата со младите сили кои настапија на ЕП во Полска. Во одбраната ќе ги нема Шиков, Жута и Мојсов, а на нивно место влетуваат Велковски, Зајков, Муслиу, Тошевски…. дополнето и со повикот за Дени Илиев од Арсенал.
„Среќни сме што на терените по подолго време се врати Дени Илиев, па затоа сега добива повик во репрезентацијата. Јасно е дека се работи за огромен наш потенцијал. Во одбраната и средниот ред ќе има промени. Јасно е дека не сакам да се откажам од ниту еден репрезентативец како што се Шиков и Мојсов. Но во овој момент мислам дека ни е неопходно освежување токму во овие редови“ – истакна Ангеловски по објавувањето на списокот притоа дополнувајќи:
„Ако нешто може да нагласам тоа е фактот дека повиканите репрезентативци ова лето играат повеќе од квалитетно за своите тимови, и Алиоски во Лидс, и Енис Барди, и Трајковски и Несторовски во Палермо, и Хасани, Николов за домашните клубови. Се надевам дека сето тоа сега на еднакво начин ќе го демонстрираат и во репрезентацијата“.
Собирот на репрезентацијата е на 28. август во хотелот „Гранд Плаза“ во Скопје. Првиот натпревар против Израел го играме на 2. септември во Хаифа, а заминувањето за Израел е на 31. август.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА