Македонскиот првак Еурофарм Пелистер, утре го игра мечот од 9. коло во Лигата на шампионите. Пелистерци одат во Полска, на едно од најтешките гостувања во групата, на Киелце кој важи за еден од фаворитите за освојување на ова натпреварување.
Битолскиот тим засега не се прослави во Лигата на шампионите, и ги загуби сите осум натпревари. Сега е нова шанса за докажување на избраниците на Бранислав Ангеловски кој пред мечот кажа дека ваквите натпревари носат искуство за ракометарите.
„Екипата на Киелце е составена од голем број на индивидуалци, кои прават огромна слика на колективна игра. Предводени се од еден од најдобрите тренери во светот. Посебна мотивација за Киелце не треба да имаме, бидејќи во Лигата на шампионите за нас секој натпревар мотивира. За нас секој противник е еднаков на европски шампион. Самиот факт дека парираме во одреден дел од натпреварот за нас е успех. Ни фали нешто што со пари не можеме да го купиме, а тоа е времето. Сигурен сум дека овие натпревари ќе донесат искуство за моите ракометари и во понатамошниот дел на сезоната ќе играме на повисоко ниво и ќе ја радуваат нашата јавност и верните симпатизери“, изјави Ангеловски.
Тој се осврна на првиот натпревар во Битола, и очекува дека и сега полскиот тим ќе настапи во најсилен состав.
„На првиот натпревар во Битола се обидовме да се прилагодиме на нивната агресивна игра. Во првиот момент беа агресивни, посебно на позициите 2 и 5 и затоа инсистирав на игра „седум на шест“ за да ги спуштиме нивните халфови. Секој натпревар е нова приказна, ќе видиме како ќе отвориме и потоа како ќе играме. Против ПИК Сегед не бев фокусиран на играта на сите противнички ракометари. Бев фокусиран на Мацковшек, на Мартинс, на Бомбач, на Бодо, но на крај играч кој е трет ешалон дојде да решава во игра „седум на шест“. Во овие европски гиганти на секоја позиција играат ракометари од светска класа. Очекувам дека Киелце ќе игра во најсилен состав, ќе играат и Алекс Душебаев и Сичко и ќе бидат најдобриот тим. Да не заборавиме дека на голот се враќа Волф“, изјави Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА