Ангеловски пред Берлин: Мечот во Париз нека биде најава за она што следува утре…

Е. Пелистер во првото коло од ЛШ минимално загуби во Париз од моќниот ПСЖ, но доброто издание пред се во второто полувреме беше најава дека битолскиот тим е подготвен за далеку подобри европски изданија од оние во ланската сезона.

Распоредот не е наклонет на македонскиот првак, па така во првиот домашен меч во Битола доаѓа германскиот гигант Фуксе Берлин, меч што е закажан за утре со почеток во 20.45 часот. Тренерот Бранислав Ангеловски не губи верба дека неговиот тим ќе може да одигра уште еден европски меч на врвно ниво, зошто да не се помош на публиката да стигне и до триумф против фаворитот.

„Би сакал веднаш да испратам повик до нашите верни навивачи. Наша желба е натпреварот во Париз да биде само една најава за она што следува в среда. Трибините да бидат полни и сигурен сум дека со нашиот осми, деветти играч можеме да повториме уште еден добар натпревар како тој во Париз и да се надеваме на поволен резултат, а тоа е победа. Ни требаат шеснаесет „војници“ за противник како Фуксе Берлин. Сигурно дека ќе треба и тактички, и физички и ментално да бидеме подготвени“, изјави Ангелови во пресрет на утрешниот дуел.

„Зелено-белите“ најверојатно повторно ќе бидат ослабени со неиграњето на Усама Хосни, кој поради повреда не настапи во првото коло против Париз, а минимални се шансите да се појави во тимот за утрешниот меч.

Се вчитува...