Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20.45 часот) во Струмица ги продолжува квалификациите за мундијалот во Русија. Триумфот над Израел во Хаифа ги зголеми мотивите, нараснаа апетитите, па јасно е дека селекторот Игор Ангеловски и фудбалерите размислуваат единствено како да продолжат во победнички чекор. Кормиларот очекува денеска Македонија да го одигра најдобриот меч во досегашните квалификации.
„Победата над Израел е зад нас, но ни дава нова инспирација да продолжиме со добри изданија до крајот на квалификациите. Реков и во Хаифа, оваа нова генерација допрва почнува по својот победнички пат и очекувам денеска во Струмица, во градот на нашиот капитен Горан Пандев, да го има досега најдоброто издание во овој циклус, токму против западниот сосед. Подготвени сме максимално и размислуваме само за победа“, вели селекторот Ангеловски.
Албанија е квалитетна селекција, но не и непобедлива. Ангеловски вели дека се добро анализирани нивните добри и лоши страни.
„Ги анализиравме Албанците до најмалиот детаљ, знаеме кои се нивните добри, но и лоши страни. И верувам дека ќе знаеме да ги искористиме на вечерашниот дуел. Со максимална поддршка од фановите, верувам дека ќе го покажеме вечерва најдоброто од себе“, истакна предводникот на нашиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА