Македонскиот селектор Игор Ангеловски потенцираше дека повторно е собрано најдоброто од Македонија во моментов за последните два натпревари, против Италија и против Лихтенштајн, во квалификациите за СП 2018.
Ангеловски без посериозни промени во составот, во однос на претходниот собир, ќе ги очекува и новите дуели. Ќе ги нема Давид Бабунски, Дени Илиев и Мите Цикарски, а во селекцијата се враќаат Ферхан Хасани, Дамјан Шишковски како и Аријан Адеми, по паузата од две години поради суспензија.
„Можете да забележите дека 95% од фудбалерите се истите како и од минатиот репрезентативен собир. Драго ми е што се враќа Аријан Адеми еден одличен фудбалер кој од 7. октомври добива повторно право на настап. Се враќа и Ферхан Хасани после повредата, што значи повторно креираме состав од најдобрите кои ни се на располагање“ – истакна Ангеловски по објавувањето на списокот.
На списокот се и младите Елиф Елмас и Никола Ѓоргев кои ќе бидат на располагање на младата селекција за дуелот со Србија, по што ќе се приклучат на сениорите…
„На списокот се и Елмас и Ѓорѓев кои на барање на селекторот Благоја Милевски ќе бидат во У21 за мечот против Србија, а потоа ќе ни се приклучат. Исто така и Кире Ристевски нема право на настап против Италија, поради жолти картони, но ќе биде на располагање за дуелот против Лихтенштајн“ – вели Ангеловски и дополнува:
„Ќе играме против четирикратен светски првак. Италија е голема селекција но ние одиме да одиграме најдобро што знаеме. За Лихтенштајн сега не размислуваме, но таму ние сме фаворити. Што се однесува пак за Лигата на нации која стартува следната година, тоа ќе биде можност повеќе за условно помалите репрезентации да стигнат до едно големо натпреварување. Но има време за тоа“.
Собирот на репрезентацијата е закажан за 2. октомври.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА