Селекторот Игор Ангеловски верува дека македонската селекција, и покрај тоа што не очекуваат два повеќе од тешки противници во јуни, може соодветно да одговори на предизвикот. На 5. јуни од 19:45 часот на „Филип Втори“ е пријателскиот дуел со Турција, а потоа на 11. јуни и квалификациската пресметка за СП 2018, против Шпанија.
Ангеловски ќе ги нема на располагање младите сили, Велковски, Барди, Бабунски, Алексовски, Радески, Бејтулаи… кои ќе се подготвуваат за настап на ЕП во Полска, но се одлучи на нов повик на четворица млади фудбалери.
„Ги немам на располагање фудбалерите до 21 година, но затоа се уфрлени неколку други млади фудбалери кои треба да бидат иднината на македонската репрезентација. Пред се Елмас, Атанасов, Рустемоски како и Чурлинов кој веќе дебитираше“ – истакна Ангеловски по објавувањето на списокот, и дополни:
„Ќе играме пријателски натпревар со Турција, една многу силна селекција и верувам дека ќе одговориме на предизвикот, дека фудбалерите ќе бидат на исто ниво како на последните мечеви. Прво мислите се кон Турција, а потоа ќе мислиме на дуелот со Шпанија“.
Репрезентацијата подготовките ќе ги почне на 30. мај, а првиот собир е во хотелот „ТЦЦ Плаза“…
„Ќе стартуваме на 30. мај иако нема да бидеме тогаш комплетни затоа што дел од фудбалерите ќе имаат се уште клупски обврски. Ристовски ќе игра финале на Купот во Хрватска, а Алиоски во швајцарско првенство. Но, мечот со Турција е на 5. јуни и сакам да одработиме повеќе денови. За Шпанија ќе размислуваме потоа. Не можеме да се закануваме, но сакаме достојно да се спротивставиме и на овој голем противник“ – рече Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА