Англичаните добија забрзан курс за новите правила пред СП во Русија

Англиските фудбалски репрезентативци добија забрзан курс за новите правила околу ВАР системот кои ќе бидат применувани на Светското првенство во Русија. Во таборот на Гордиот Албион постоел сериозен страв од тоа дека фудбалерите не ја разбираат докрај новата регулатива, а особено не можноста за ретроспективна примена на казнените мерки во текот на натпреварот.

Затоа селекторот Герет Саутгејт на состанок со целиот тим ги објаснувал правилата, работата на ВАР системот како и можноста судијата да биде дополнително алармиран за незабележан инцидент во тек на мечот и со задоцнување да додели жолт или црвен картон.

Саутгејт им објаснувал на неговите репрезентативци и како да се однесуваат на теренот и особено да не пробуваат да глумат при контакти бидејќи судиите ќе можат да проверуваат што точно се случило, па симулирањето ќе биде санкционирано.

Англиската фудбалска репрезентација последниот контролен натпревар пред Светското првенство ќе го одигра против Костарика в четврток во Лидс. Првиот дуел на мундијалот за Англичаните е пресметката со Тунис во Волгоград на 18 јуни.

 

Се вчитува...