Томас Тухел го претрпе првиот пораз како селектор на Англија, за среќа на пријателскиот дуел со Сенегал што „гордиот албион“ на домашен терен го загуби со 1-3.
Многу работи во играта на англискиот национален тим не функционираа како што треба, но јавноста (медиумите и навивачите) лесно го најде виновникот. Кајл Вокер според нив бил најслаб поединец на теренот, откако искусниот 35-годишен дефанзивец продолжува со падот во формата откако во јануари го напушти Манчестер сити, замина на позајмица во Милан, но и таму не се прослави.
„Тој е премногу бавен, директен виновник за првиот гол… Тешко чува играчи „еден на еден“, а од 53-те допири со топката згреши при повеќе од половина“, критични беа медиумите.
Тоа беше доволен повод со критики кон ветеранот да тргнат и незадоволните англиски фудбалски фанови…
„Кајл Вокер е целосно потрошен, не може да игра веќе на највисоко ниво…“
„Не ми е јасно како тој може се уште да биде во репрезентацијата… Им одзема место на помладите играчи…“.
На потег е Томас Тухел, па интересно ќе биде да се види дали англискиот селектор ќе реагира и дали ќе го повика Вокер за септемвриските квалификациски натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

