Англија без милост, Македонија го претрпе највисокиот пораз во историјата (ВИДЕО)

ЕКИПА во Манчестер

Владимир Булатовиќ

Македонската фудбалска репрезентација вечерва на „Олд Трафорд“ се запиша на негативната страна на историјата, откако го претрпе најубедливиот пораз од постоењето на самостојна Македонија. Англичаните немаше милост, победија со 7-0, како да ја чуваа целата „артилерија“ од претходните две пресметки на англиско тло кога не успеаја да ја добијат македонската селекција, а вечерва целосно одмаздувајќи се со дури седум голови во мрежата на Димитриевски.

Англија важеше за фаворит, но тешко дека некој претпоставуваше дека ќе биде вака убедлив, со оглед дека во последните години важевме за „убијци на фаворити“. Македонија со оној пораз од Украина во Скопје и со овој, се оддалечи и оанка на тешкиот пат кон Европското првенство 2024 година.

Мусли не играше во одбраната, на негово место стартуваше Велковски, а други замени немаше. Македонија парираше солидно до првиот гол, а потоа се сруши како кула од карти сето она што посакувавме на „Олд Трафорд“. После првиот гол целосен бродолом на нашата селекција.

Хари Кејн по асистенција на Шо од левата страна го најде патот до голот на Македонија и донесе предност. На вториот гол се чекаше 10 минути, Сака по долга акција од десната страна зголеми на 2-0. Целосен распад на Македонија се случи на крајот од првиот дел кога Рашфорд донесе убедливи 3-0.

Англија веќе со обезбедена победа влезе во вториот дел, но желна за уште некој гол. Сака за само четири минути со два гола ја навестува големата катастрофа на македонската репрезентација. Во 47. минута играчот на Арсенал успеа да погоди по асистенција на Александер-Арнолд, додека во 51. минута Кејн го „вади“ Сака сам пред Димитриевски за „петарда“ во гостинската мрежа, така што крилниот играч на Англија го комплетираше својот „хет-трик“.

Ниту измените на Благоја Милевски не донесоа ништо ново кај македонската селекција, а Англија и покрај неколку нови играчи во составот продолжи во ист стил. Се играше 64. минута кога Филипс лесно погоди во празниот гол, после лошо расчистување во одбраната. Во 73. минута Кејн од пенал донесе и 7-0 за Англија. Пеналот го направи Бејтулаи кој стартуваше врз Стоунс, по што Ковач покажа на белата точка.

Англија не застана и до крајот на натпреварот напаѓаше да постигне уште некој гол, да ја направи оваа победа поубедлива. Ударите на Фоден и на Филипс за среќа не завршија на вистинското место, па Македонија покрај примените гола се спасуваше и од поголема катастрофа од оваа.

Со овој меч завршуваат настапите на Македонија за оваа сезона, а следните мечеви се во септември против Италија дома и Малта на гостински терен.

Се вчитува...