Англија два пати се мачеше во Скопје со Бекам, Руни, Џерард, Лампард… (ВИДЕО+ФОТО)

Денешното гостување на англиската сениорска репрезентација во Скопје ќе биде трето во историјата на „Гордиот Албион“. И во изминатите два пати добро се „испотија“ да дојдат до трите бода.

Во 2003 година, Англија предводена од Бекам, Овен, Руни, Бат, Лампард, Тери… едвај победи 1-2, иако тоа важеше за една од најдобрите генерации на „Трите лава“, од која многу се очекуваше, но на крајот не освои ништо. Тој меч беше за пласман на ЕП 2004 година, а Македонија сензационално водеше со голот на Ѓорѓи Христов во 27. минута од средбата. Но Англија во вториот дел успеа за 10 минути да направи пресврт. Најпрво Руни стана најмладиот стрелец за Англија во историјата тогаш, а потоа и Бекам од пенал во 63. минута погоди за конечна победа од 1-2. На гостувањето во Англија во Саутемптон, Македонија одигра нерешено 2-2, резултат кој сензационално одекна во светот на фудбалот.

Три години подоцна, во 2006 година, одново за пласман на ЕП 2008 година, Англија дојде на гости во Македонија. Тогаш Питер Крауч успеа да погоди за минимална победа од 0-1. Исто така тогаш играа Лампард, Ешли Кол, Џон Тери, но овој пат тука беше и Џерард, Харгривс, Даунинг, Дефо, Рио Фердинанд. Тогашната генерација предводена од Стив Мекларен не успеа да избори место на ЕП 2008 година, за разлика од минатата генерација која гостуваше во Скопје.

Македонија на гостински терен, пак, одигра без голови против Англија во овие квалификации.

Меѓутоа Англичаните успеаја да се одмаздат на Македонија за сите „страдања“, па во Манчестер оваа година пред неколку месеци ја „растурија“ нашата селекција со убедливи 7-0. Дали ние ќе се одмаздиме, останува да се види вечерва.

ИЗВЕШТАЈ ОД НАТПРЕВАРОТ МАКЕДОНИЈА – АНГЛИЈА 1-2 (2003)

ИЗВЕШТАЈ ОД НАТПРЕВАРОТ МАКЕДОНИЈА – АНГЛИЈА 0-1 (2006)

Се вчитува...