Англиски судија за мадридското дерби во ЛШ

Англискиот арбитар Мартин Еткинсон е изборот на УЕФА за главен судија на првиот полуфинален натпревар меѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид што ќе се одигра утревечер на „Сантијаго Бернабеу“.

Еткинсон (46 години) важи за ветеран меѓу судиите, тој ја има „значката“ на ФИФА уште од 2006 година, а во последниот период во неколку наврати им судел на двата шпански клуба.

Поточно, Еткинсон судел четири средби на Реал Мадрид, сите на гостински терен, при што „кралевите“ имаат две победи (во Цирих со 2-5 во 2009 година и во Гелзенкирхен над Шалке во 2015 година) и два порази (од Лион со 1-0 во 2009 и од Јувентус со 2-1 во 2015 година). Тој судел три средби на Атлетико, при што „јорганџиите“ не знаат за пораз, славејќи над Лацио во Лигата на Европа во 2012, над ПСВ во Ајндховен во 2016 година, додека на третиот натпревар мадридскиот клуб ремизирал со Зенит (1-1) во 2013 година.

Мартин Еткинсон ќе биде четвртиот англиски судија што ја делел правдата на мадридско дерби во европските купови, по Реџиналд Лиф во 1959, Артур Елис во истата година и Марк Клатенбуг, кој беше главен судија на ланското финале во Лигата на шампионите.

Се вчитува...