Словенија во голем стил го почна настапот на Светското Првенство во Франција откако избраниците на Веселин Вујовиќ во својот премиерен натпревар го декласираа составот на Ангола со преубедливи 42-25. Ракометарите на Ангола, кои задутре ќе бидат втор ривал на Македонија на овој мундијал, покажаа апсолутна немоќ да ги запрат налетите на извонредните Словенци, кои им одржаа лекција по модерен ракомет на своите противници.
Мечот беше израмнет само во првите пет минути, во кои Ангола дури и имаше предност од 3-4. Сепак, Словенците набрзина ја консолидираа одбраната, Матевж Скок влезе во ритам, па „пулените“ на Вујовиќ почнаа да го демолираат противникот. Импресивно беше со каква леснотија играше Словенија во првото полувреме, дури и по примените голови со „брз центар“ лесно го совладаа голманот на Ангола, а и при позиционен напад лесно создаваа ситуации преку кои најчесто крилата реализираа лесни погодоци.
Ваквиот развој на настаните придонесе Словенија да поведе со преубедливи 22-13 уште по првото полувреме, по што фаворитот рутински ги одигра преостанатите 30 минути, па уште повеќе ја зголеми предноста се до конечните седумнаесет гола разлика (42-25).
Маргуч беше најефикасен кај Словенија со осум пред, пред Мачковшек со седум и Јанц со шест погодоци, додека кај Ангола најдобар поединец при денешниот пораз беше Лопез со седум погодоци, додека Хебо шест пати се запиша меѓу стрелците.
Словенија одигра навистина моќно, но Ангола не покажа буквално ништо, со што јасно демонстрираше зошто Македонија едноставно мора да го добие саботниот меч против африканската селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА