Идентично како и на претходните два мундијали, македонските ракометари стартуваат со две победи, со кои се наоѓаат на прагот на нокаут фазата. По Тунис, падна и Ангола, во меч во кој противникот беше очигледно послаб, па од самиот старт стана јасно дека единствената „непозната“ ќе биде разликата со која Македонија ќе слави. На крајот, „плус девет“ во меч во кој по дваесетина минути одиграа и голем дел од „резервистите“, епилог од кој можеме апсолутно да бидеме задоволни.
- „Седум на шест“ – експериментот стана стил на игра
Ангола добро се држеше дваесетина минути (9-9), се до тајмаутот на Лино Червар. А потоа во нападот заигравме „седум на шест“ и за помалку од десет минути стигнавме до пет гола разлика и го решивме прашањето на победникот.
Како што кажа Лино Червар на прес-конференцијата по средбата, овој дел од тактиката веќе не е експеримент, туку стил на игра на нашиот национален тим. Засега оваа тактика носи резултат, нека биде така и на наредните натпревари.
- Велко Маркоски – столб на одбраната
Не е ништо ново, со години наназад Велко Маркоски важи за столб на одбраната во националниот тим. Долго време крај себе го имаше Јоноски во „срцето“ на формацијата 6-0, но сега кај Червар игра одлично и како најистурен во зоната 5-1.
Иако со незгодна повреда на грбот, Маркоски уште еднаш потврди дека има лавовско срце, собра сили и настапи на мечот што најверојатно ќе го добиевме и без него. Сепак, очигледна беше разликата во квалитетот на играта во дефанзива со него на теренот и без него. Впрочем, тој беше стартер, а првиот гол го примивме по осум минути игра, а и во подоцнежната фаза повторно беше „командант“ на нашата одбрана. Само да остане здрав, бидејќи одбраната мора да ни биде поцврста од било кога досега на
- Самодоверба за резервите
Червар посакуваше и порано да ги одмори првотимците, но и вака не излезе лошо, оние од клупата добија по дваесетина минути да ги покажат своите квалитети. Поповски засекогаш ќе го памети својот прв мундијалски погодок, Филип Лазаров ќе добие на самодоверба по трите гола, Нелоски знае дека покрај цврстата одбрана ќе треба да биде похрабар и во нападот, на Дрогришки ова ќе му послужи за уште понапорна работа во следниот период…
Се на се, рутински завршена работа во меч во кој имаше и подеми и падови, но на крајот се остварија двете најзначајни замисли на Червар, освоени беа планираните бодови и шанса за докажување добија оние помладите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА