Анте Ребиќ и официјално е најголемото засилување на Хајдук откако хрватскиот репрезентативец доцна синоќа беше претставен како нов играч на сплитските „бели“.
Тој пристигна заедно со новиот директор Иван Ракитиќ на „Пољуд“ да го бодри тимот во квалификациите од Конференциската лига, гледаше во живо како неговиот нов тим по продолженија се пласираше во следната рунда (таму го чека Динамо Тираа), а по завршувањето на овој драматичен дуел трансферот и дефинитивно беше официјализиран.
Како што објави Хајдук на официјалната веб-страница, Ребиќ потпишал едногодишен договор со овој клуб, за плата од 450.000 евра, но и богат бонус во случај на освојување на титулата.
Останува да се види во каква форма се наоѓа, ако се знае дека Ребиќ не се изнаигра ланската сезона во дресот на Лече, настапувајќи на вкупно 844 минути и постигнувајќи само еден гол, во ремито со Јувентус.
Анте Ребиќ кариерата ја почна во Сплит, од каде уште како тинејџер беше продаден во Фиорентина за 4,5 милиони евра. Потоа следеа епизоди во Лајпциг, Верона, Ајнтрахт, Милан, Бешикташ и Лече, за по 11 години во странство хрватскиот напаѓач да донесе одлука да се врати назад во татковината и да го облече дресот на Хајдук.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

