Огромна беше радоста меѓу македонските кошаркарки по синоќешниот голем триумф на гостувањето против БиХ, прва победа на нашиот национален тим на еден официјален меч по повеќе од пет години пауза.
Една од најискусните во репрезентацијата Јелена Антиќ, вели дека екипата покажа зрелост, но и стабилност, што досега не биле присутни во играта на нашиот женски национален тим.
„Пресреќна сум, немам зборови да објаснам што значи оваа победа за македонската репрезентација. Само ние знаеме со што се соочуваме сите овие години. И овој пат дојдовме во Сараево со скратен ростер, само со домашни кошаркарки, без натурализираниот играч. Но овој пат среќата беше на наша страна. Премногу сум горда на секој играч што стапна на теренот. Од почетокот бевме фокусирани, и покажавме една зрелост и стабилност што до сега не сме го виделе во изминатите натпревари“, почнува Антиќ.
Овој триумф има посебно место кариерата на искусната кошаркарка, од повеќе причини…
„За мене посебно оваа победа е од огромно значење, поради тоа што во изминатите неколку години се борам со сериозни повреди и немав можност да настапувам за репрезентацијата. И оттука, вкусот на оваа победа , иако многу би рекле од никакво значење, за нас претставува една голема СРЕЌА! Големо БЛАГОДАРАМ на стручниот штаб, од кој добивавме неизмерна поддршка и верба дека овој натпревар може да се добие. Бевме добро подготвени и го испочитувавме поголемиот дел од планот, и како што кажа селекторот, ‘време е за победа’“, дополнува Антиќ.
Не заборава Антиќ на иднината, на оние млади кошаркарки кои се составен дел од овој успешен настап на девојките во „црвено“.
„Исто така, треба да се споменат младите девојки кои по прв пат беа дел од сениорската репрезентација. Со само 16 години јуначки го издржаа темпото кое го бара сениорската кошарка, и ете кој би рекол, нашата Милица го даде победничкиот кос.. Браво дете! Браво за нас! Бидете горди на нас затоа што не често се гледа репрезентација како нас да победи екипа од европски и олимписки ранг“, заврши Антиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА