Фенербахче стигна до значајна победа во Евролигата, откако тимот на нашиот Перо Антиќ успеа да триумфира во Литванија над составот на Жалгирис со 67-76. Во меч со бројни пресврти на крајот сепак пресуди искуството и поголемиот фонд на врвни играчи на турскиот првак, кој со оваа победа ја продолжува трката со Олимпијакос за третото место на табелата.
Првата четвртина заврши со тројка на Антиќ за водство на Фенербахче од 17-19, за потоа Жалгирис да заигра многу подобра одбрана во втората четвртина, му дозволи на турскиот состав само 11 поени и на одмор да се замине со минимална предност на домаќините од 31-30. Фенербахче заигра одлично во третиот период, но Жалгирис со фуриозен старт на последната четвртина повторно се врати во мечот. Како пресудна се покажа серијата на Џиџи Датоме, кој постигна неколку поени во низа, повторно му донесе позитива на турскиот шампион која овојпат избраниците на Жељко Обрадовиќ успеаја да ја задржат до самиот крај, за конечна победа од 67-76.
Перо Антиќ за 15 минути постигна три поени, четири скока и една асистенција, а најефикасни кај Фенербахче беа Удох со 16 и Богдановиќ со 14 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА