Перо Антиќ игра одлично во дресот на Црвена звезда, експресно се наметна како лидер во својот омилен клуб, па македонскиот ас неслучајно почнува и да размислува за менување на својот став околу завршувањето на кариерата. Тој претходно најави дека оваа сезона најверојатно ќе му биде последна во фантастичната кариера, но како што се ближи нејзиниот крај, така се зголемуваат и шансите Антиќ уште најмалку една година да го гледаме на терените.
„Да почекаме… Ќе играм кошарка се додека уживам во тоа. Тоа ми го има кажано и мојот татко кога почнував – играј додека се смееш и уживаш“ – истакна Антиќ во интервју за српските медиуми.
Трансферот во Црвена звезда за него претставуваше враќање во таборотна белградскиот клуб, а разликата во окружувањето е голема.
„Главната разлика е во маркетингот и во резултатите. Црвена звезда е Црвена звезда, и тогаш имавме одлична тимска хемија како и сега. Овој тим е млад, тренираме напорно, дури и коските ме болат на моменти“ – со насмевка коментира Перо Антиќ.
Тој важи за продолжена рака на тренерот Алампијевиќ како авторитет над помладите играчи, а ситуацијата е интересна и поради фактот дека Алампијевиќ е четири години помлад од Антиќ.
„Нема тоа никаква врска, јас сум од Балканот и без разлика на возраста секогаш ги почитувам тренерите. Тој е газда, лидер на тимот, ние го слушаме и тоа е тоа. Човекот знае кошарка, работи цело време, опседнат е со овој спорт и затоа можеме само да му честитаме. Впрочем, ова му е прва година во Евролигата и веќе оствари резултати што никој не ги очекуваше“ – полн е со пофални зборови Антиќ за својот тренер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА