Перо Антиќ и Фенербахче утре ќе атакуваат на нова титула во Евролигата, откако лани во големото финале по продолжение турскиот гигант претрпе пораз од ЦСКА Москва. Фенер утревечер за противник во полуфиналето ќе го има Реал Мадрид, а Антиќ и соиграчите се оптимисти дека предноста што овој Ф4 турнир се игра во Истанбул ќе ја претворат во ново евролигашко финале.
„Ова ќе ми биде четврта сезона во Евролигата и четири години стигнувам до фајналфор турнирот. Секако дека се надевам на титула на крајот, меѓу другото и бидејќи се бркам со Василис Спанулис, по една титула во Евролигата за секое дете што го имаме. Јас имам три деца, сега ми недостига уште третата титула“ – истакна Антиќ низ насмевка при мини-интервјуто од прашања што му ги поставуваше соиграчот Џиџи Датоме.
Сопругата на Спанулис неодамна го роди нивното четврто дете, па плејмејкерот на Олимпијакос исто така најави дека ќе атакува на европска круна што би ја посветил на најновиот член на своето семејство.
Воедно, македонскиот интернационалец повторно упати комплименти на адреса на тренерот Жељко Обрадовиќ, опишувајќи го како најдобар во светот.
„Пред се е голем предизвик да играш за Жељко Обрадовиќ. Од една страна е голема чест бидејќи според мене тој е најдобриот тренер на сите времиња, но од друга страна е многу тешко бидејќи треба да ги задоволиш сите негови барања и сето она што тој го замислил дека ти треба и можеш да го направиш за тимот. Во секој случај, за мене е одлично што имам можност да учам од најдобриот“ – истакнува Перо Антиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА