Перо Антиќ си ја исполни големата желба, да стане шампион на Србија со Црвена звезда, па сега македонскиот ас ги минува деновите во одмор мирно размислувајќи за следниот чекор во кариерата. А како што вели самиот Антиќ, приоритет во одлуката овојпат ќе биде семејството, па поранешниот капитен на македонската репрезентација не ја исклучува ниту можноста за камбек во татковината.
„Приоритет е семејството. Децата одат во училиште, највозрасното има 11 години, не растеше како останатите деца, цело време беше со нас, луѓе од 30 години, што не е природно за едно дете. По САД се вратив во Турција бидејќи имав директен лет и можев да доаѓам во Скопје што повеќе да ги гледам. Ќе настојувам следниот клуб во најмала рака да има слична опција. Или да биде многу блиску, зошто да не и од Македонија. Едно е сигурно, ќе продолжам да играм. До неодамна говорев дека размислувам за завршување на кариерата, сега чувствувам дека можам да играм, се уште се забавувам на теренот“ – коментира Антиќ.
Тој откри и дека имал понуди да се вклучи во раководните структури на федерацијата, но истите ги одбил без многу размислување.
„Не можам да седам на две столчиња. Имав понуди, но јас ја сакам кошарката, сакам да се забавувам на треренот. Постојат познанства, потребни се контакти и соработка. Кај нас функцијата стана само седење во фотелја и фалење дека си прв човек. Не се брзам, треба да се укаже вистинската шанса, вистинската програма и да се тргне од нула. Јас нас се случи се типично македонски, резултат, па голем пад. Дојде нова гарнитура на луѓе, ја расипаа хиерархијата и лојалноста. Ако сте веќе на тие позиции, морате да обезбедите услови. Не знам какви им биле намерите, но нека им служи на чест – се гледа каде е сега македонската кошарка“ – вели Перо Антиќ.
Македонскиот ас се наврати и на работата за најдобриот европски тренер, големиот Жељко Обрадовиќ.
„Тој има систем, знае што бара од тебе и ако го направиш тоа што го бара, ќе застане зад тебе. Ние го познаваме, направиш ли голема грешка, неважно е колку си голем како играч – веднаш седнуваш на клупата. Ќе разговара со тебе, ќе ти укаже што си згрешил и потоа ќе ти ја следи реакцијата. Надвор од теренот секогаш сакаш да си на неговата маса, секогаш е весело и има шеги на сечија сметка. Но на теренот бара се од тебе! Поради Жељко дојдов во Фенер, се видовме, ми рече дека му треба карактер и хемија. Разговорот траеше 30 секунди, толку ми требаше за да потпишам“ – открива Антиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА