Десеттата епизода на ПРЕСИНГ го носи еден од највозбудливите разговори за македонскиот спорт, заедно со најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев, а како гостин најголемото македонско кошаркарско име, трикратен европски шампион и прв Македонец во НБА лигата, Перо Антиќ.
Меѓу бројните теми, секако неизбежни се разговорите за случувањата на Европското првенство 2011 во Литванија, кога Антиќ како капитен ја водеше Македонија до најголемиот успех на екипниот македонски спорт во историјата – четвртото место на Евробаскетот.
Но, овој пат, низ призмата на се што се случуваше зад сцената во Литванија – за хотелскиот живот, за пеењето пред собата на директорот Мерџановски, за неизбежните прослави на успесите, за тимот како еден, за Тоше Гечевски, за Бо Мекејлеб, но и за браќата Стојановски.
„Живеевме со еден дух како неверојатен тим, неверојатна целина, сите за еден… Тоа беше клучот на успехот и покрај тоа што пред првенството собиравме и опрема, како се може и знае за да одиме во Литванија, а сите не испратија со скепса затоа што загубивме се низ подготовките…“ – се потсетува Антиќ.
„Но, во Литванија го живеевме нашиот сон… После големата победа над Литванија, директорот Мерџановски се обидуваше да избега во соба, но ние сите до последен одиме пред неговата соба и пееме… Собата во хотелот наша со мојот цимер Тоше Гечевски беше отворена цело првенство за секакво славје…“ – дополнува Антиќ, осврнувајќи се и на своите соиграчи.
„Тоше Гечевски е најначитаниот и најинтелегентниот спортист во Македонија. Секоја вечер заспива читајќи книга…Е, потоа јас не можам да спијам од него, но добро…, кога тој се будеше во 5 часот наутро, јас тогаш заспивав“ – низ сме коментира Антиќ, потсетувајќи се и на легендарниот Лестер Бо Мекејлеб, но и браќата Стојановски.
„Бо е една феноменална прекрасна личност. Јас славам роденден на почетокот кога се запознававме, а тој онака скромно се заблагодарува што сме го примиле во друштвото. Тој е една невидена позитивна личност, блага личност и ден-денес. Но, секако, и тој знае за ракија… А да не зборувам за браќата Стојановски кои се најдобрите македонски кошаркари и денеска, цели 15 години после ЕП 2011. Тоа е проблем за мак-кошарката… Но, тие се врвни професионалци и знаат како е да се даде се за спортот. Мајката на Дамјан беше неверојатно тажна за промашувањата во полуфиналето против Русија… Прекрасно семејство, навистина!“ – вели Антиќ.
Комплетниот подкаст „Пресинг“ со Перо Антиќ може да го погледнете на следниот линк…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

