Пелистер по огромна битка успеа да слави над шампионот МЗТ Скопје со минимални 68-67, со што битолчани останаа со максимален ефект по првите две кола од стартот на Првата лига. Дербито беше израмнето од почеток до крај, а улогата на херој му припадна на Брајан Антоан, Американецот кој ја презеде одговорноста во клучните моменти и ги постигна победничките поени на четири секунди до крајот.
Антоан го заврши мечот со 16 поени и 6 скокови (вкупно 19 индексни поени), но американскиот поентер останува скромен, заслугите за триумфот делејќи ги со остатокот од екипата.
„Ова беше одличен меч меѓу две квалитетни екипи, за нас беше многу значајна поддршката од навивачите, кои ни дадоа сила во клучните моменти. Исто така, нашиот тренер беше максимално мотивиран, што ни даде доплнителна енергија во текот на целото дерби, вклучувајќи ја и завршницата. Можеби јас ги дадов клучните поени, но оваа победа е колективна, секој од нас го даде максимумот за да се стигне до резултатот што го посакувавме. Прекрасно беше чувството да се слави на еден ваков натпревар пред нашите верни навивачи, се надевам на многу вакви моменти и во иднина“, истакна Антоан за клупската веб-страница на Пелистер.
Битолчани вечерва тргнуваат на пат за Подгорица, каде ги очекува дуел со истоимениот тим во рамките од второто коло од АБА2 лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА