Антони до пред неколку месеци важеше за едно од најголемите трансфер-промашувања во историјата на англискиот фудбал, по неколкуте разочарувачки сезони во дресот на Манчестер Јунајтед.
Тој во јануари се пресели на позајмица во Бетис и веднаш блесна во сиот свој сјај, откако Бразилецот со осум гола (четири од нив во Конференциската лига) и пет асистенции е најдобар фудбалер на клубот од Севилја во вториот дел од сезонава. Она што е уште поинтересно, Антони може да стане прв играч во историјата кој во иста сезона се закитил со трофеи во два различни европски купови.
Неговиот Манчестер Јунајтед вечерва го игра финалето од Лигата на Европа против Тотенхем, додека Антони со Бетис ќе се сретне со Челси во големото финале од Конференциската Лига. Доколку Јунајтед и Бетис стигнат до победи во овие финалиња, Антони би се нашол на листата на шампиони и во двете натпреварувања, ако се знае дека настапи на неколку натпревари за „црвените ѓаволи“ во првиот дел од сезонава.
Согласно правилата на УЕФА, Антони нема да добие шампионски медал за Лигата на Европа, но би се нашол на шампионската листа на играчи кои дале свој придонес на патот до овој трофеј, секако доколку Јунајтед слави во вечерашното финале против Тотенхем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

