Антони има понуда од Италија, и тоа од сосема неочекуван клуб

Антони имаше и повеќе од успешна полусезона на позајмицата во Бетис, Бразилецот летово се врати назад во Манчестер Јунајтед, но на сите им е јасно дека за поранешниот ас на Ајакс нема место во тимот на Рубен Аморим.

„Црвените ѓаволи“ го ставија на трансфер-листа, Бразилецот е желба на Тен Хаг во Баер Леверкузен, опција е и враќање во Бетис, а Антони во меѓувреме доби и интересна понуда од Италија. Не станува збор за некој од гигантите од Серија А, туку од амбициозниот Комо, чии челници се обидуваат да креираат успешен фудбалски проект под водство на Цеск Фабрегас.

Шпанецот пред две седмици го одби Интер за да остане во Комо, а управата сака да му се заблагодари за лојалноста носејќи му неколку квалитетни засилувања. Веќе се потрошени дваесетина милиони евра за Батурина од Динамо Загреб, но во случајот на Антони сумата би требала да биде двојно повисока.

Останува да се види каде ќе заврши Бразилецот летово, откако во дресот на Бетис јасно на сите им покажа дека е далеку поквалитетен од оние потпросечни изданија што ги имаше за Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...