Бразилскиот фудбалер Антони со емотивно писмо се прости од навивачите на Бетис, клуб во кој ја воскресна кариерата.
Тој по кошмарниот период во Манчестер јунајтед се пресели во Бетис во јануари и ја одигра најдобрата полусезона во кариерата.
Неговата позајмица во шпанскиот клуб заврши, а тој на емотивен начин се просит од клубот од Севилја.
„Денеска завршува едно од најубавите поглавја во мојот живот. И пред да ја завртам последната страница, морам да ви кажам зошто вие бевте, и секогаш ќе бидете толку посебни за мене. Уште кога бев дете, фудбалот не ми беше само сон или единствена ‘шанса’ да си го променам животот, како што многумина често знаат да кажат. Тоа беше многу повеќе, тоа беше мојата радост. Додека другите го гледаа фудбалот како излез, јас го гледав како пристигнување. Единственото место каде се чувствував целосен. Ги броев минутите до следниот пат кога ќе можам да трчам по топката, Не беше бегство, беше судбина. Беше чиста радост.
Животот ме одведе далеку, од фавелите до светот. Играв во Бразил, Холандија, Англија… Престанав да бидам дете и станав татко, многу работи се променија. Но фудбалот секогаш беше таму, секогаш беше моето прибежиште. Сè додека еден ден сè се сруши. Од рајот во пеколот. Топката престана да се тркала, радоста избледе, светот потемна, и почнав да се сомневам во себе, во својот талент, во својата љубов кон фудбалот.
И токму тогаш, фудбалот ми даде нешто друго: вас. Кога дојдов, не знаев што да очекувам, но ни во најлудите соништа не го замислував она што го најдов. Од првиот чекор во овој клуб почувствував нешто поинакво. Беше како да се враќам дома, како да се поврзувам со дел од себе што мислев дека сум го изгубил. Со вас повторно се насмеав. Повторно станав она дете што го сакаше фудбалот со цело срце. Со вас, фудбалот повторно стана вистинска љубов. Ви благодарам што ги отворивте вратите како да сум дел од семејството. Ви благодарам што ми ја вративте радоста од играњето. Ви благодарам што ме потсетивте зошто се заљубив во оваа игра. Мојот дом, моите луѓе. Засекогаш многу Бетис“, напиша Антони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

