Анжела Платон на чело на стручниот штаб на ЖРК Вардар

Поранешната македонска репрезентативка Анжела Платон е изборот на раководството на ЖРК Вардар за нова предводничка на стручниот штаб на „црвено-црните“.

Платон веќе неколку години е дел од овој проект, досега работеше во младинските екипи, а во првиот дел од сезонава беше вклучена во стручниот штаб на Александар Царчев. Со новата одлука на управата, Платон ќе биде на чело на стручниот штаб на стартот од сезонава, додека Царчев ќе продолжи да работи во Вардар, како тренер на голманите, во сите четири категории: пионерска, кадетска, младинска и сениорска конкуренција.

„ Ја известуваме спортската јавност, дека за нов шеф на стручниот штаб на сениорската екипа е назначена Анжела Платон. Познато име на ракометната јавност, поранешна репрезентативка на нашата држава, која беше дел од златната генерација на Кометал Ѓорче Петров, клуб со кој во 2002 година стана и европски Шампион. Долги години е дел од Вардар, каде работеше со младинските екипи на клубот во создавање на млади талентирани ракометарки. На почетокот на новата сезона беше вклучена во стручниот штаб на првиот тим, како помошник тренер на Александар Царчев, а од пролетниот дел Платон ќе биде прв тренер, а ќе остане и како предводник на младинската екипа“, се вели во соопштението на ЖРК Вардар.

„Вардарки“ моментно се наоѓаат на петтото место на табелата во Супер-лигата со 28 бода, 11 помалку во однос на лидерот Ѓорче Петров.

Се вчитува...