Македонија претпре пораз во пресметката со Шпанија во рамките од четвртото коло во групата Б од мундијалот (29-25), но нашите ракометари воопшто не разочараа. Напротив, три четвртини од натпреварот беа не само достоен, туку и подобар ривал од големиот фаворит, кој немаше одговор за нападот „седум на шест“ на избраниците на Червар. Се редеа атрактивни голови во мрежата на Гонзало Перез де Варгас, на моменти дури и „мирисаше“ на сензација, но на крајот пресуди искуството на противникот, кое „зачинето“ со неколкуте судиски одлуки во корист на Шпанија им ја однесе победата на избраниците на селекторот Рибера. Конечниот резултат е далеку од реален, но во секој случај мора да се истакне одличната игра на нашите ракометари пред утрешниот решавачки меч за третото место против Исланд.
Одбраната ја почнавме со променет состав, со Велко и Никола Маркоски, Стоилов, Миркуловски и крилата Манасков и Георгиевски, но и со Благојче Трајковски како прв голман пред Кирил Колев. Во нападот дојде до промена на лев бек, па на местото на Нелоски шанса доби Дрогришки, кој при првиот обид не успеа да го совлада Гонзало. Нападот „седум на шест“ функционираше добро на стртот, па по десет минути игра резултатот беше израмнет, 4-4. Само пет минути беа потребни за Шпанците да се одлепат, откако со експресна серија од 4- дојдоа до три гола предност (8-5). Македонија не само што не се предаде, туку за неполни две минути успеа да израмни, Лазаров погоди од пенал, а потоа голманот Трајковски и Миркуловски стрелаа прецизно од сопствената половина.
Во 22. Минута Македонија дојде и до прво водство, Стоилов одигра одлично на линијата и од исклучително тешка ситуација успеа да одбрани. Најубавиот момент на натпреварот следеше во 23. Минута, Лазаров фрли цепелин до Манасков, левото крило му врати на капитенот, кој реализираше атрактивно за 11-9, принудувајќи го шпанскиот селектор на тајмаут. ДВе минути подоцна, нова македонска атракција со нов двоен цепелин, овојпат Кире Лазаров – Георгиевски – Кире Лазаров, за еуфорија меѓу македонските фанови во арената во Лил. Стигнавме и до најубедливи „плус три“ (14-11), но Шпанција набрзина постигнаа три погодоци и стигнаа до израмнување. Миркуловски ја затресе мрежата на Гонзало Перез де Варгас во последниот напад, но судиите по прегледувањето на видео-снимката утврдија дека времето изминало, па на одмор се замина со израмнети 14-14.
Одбраната 6-0 со Колев на голот функционираше одлично на стартот од второто полувреме, па противникот пет минути не постигна гол се додека Ривера не реализираше од сомнително досуден пенал врз Душебајев (15-15). Игравме одлично се до 18-18, а потоа судиите од Литванија му дојдоа на помош на фаворитот. Престрого го исклучија Миркуловски поради обид да изглуми прекршок, откако претходно нашиот искусен бек неколку пати ги критикуваше за одлуките во корист на противникот. Шпанија знаеше како да ја искористи предноста од играч повеќе, даде три гола во низа и стигна до солидна предност. Повторно покажавме карактер, возвративме со цепелин на Миркуловски, повторно погоди и одличниот Никола Маркоски. Со контранападот на Георгиевски дојдовме на 22-23, но Литванците уште еднаш дојдоа на помош судејќи сомнителен седмерец од Георгиевски. Арбитрите на спротивната страна останаа слепи на очигледен прекршок за пенал над Стоилов, нервозата во нашиот напад растеше, па на девет минути до крајот резултатот гласеше 22-25 за „црвената фурија“.
Раул Ентрериос доби исклучување, но наивно ја загубивме топката, по што Ривера реализираше за 22-26, по што Червар побара тајмаут. Работите не се променија, Шпанија ја задржа предноста до самиот крај, на крајот славејќи со незаслужено високи 29-25.
Кире Лазаров даде шест гола од десет обиди, додека Никола Маркоски го одигра својот најдобар меч на мундијалот, постигнувајќи пет гола со само едно промашување. Миркуловски постигна четири, а Стоилов и Георгиевски по три погодоци на овој квалитетен натпревар од кој заслуживме повеќе, но за жал го претрпевме вториот пораз на шампионатот.
Едно е јасно, со игра како оваа денеска Македонија ќе има што да каже на утрешниот дуел со Исланд, на кој реми или победа значат трето место на табелата и избегнување на Франција во осминафиналето од мундијалот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА